Договор за три нови средби до крајот на месец мај, но и потврда на посветеноста за одржување активен дијалог е епилогот од средбата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, што се одржа во Софија.
Како што се наведува во заедничкото соопштение, првата средба оваа година поминала во конструктивна атмосфера, а следен состанок е најавен кон крајот на март или почетокот на април во Скопје. Сепак и двете страни се далеку од конкретно решение.
„Пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страна во Комисијата и од тука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија, кои остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап. По исцрпна дискусија вториот ден покажа дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка“, беше наведено во соопштението.
Претходно комисијата се сретна лани во декември. Како што соопштија тогаш од македонската страна, членовите не успеаја да ги надминат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества, како и во градењето добри односи ослободени од политизирање на историјата.
Според најавите во текот на 2022 година би требало да се одржат пет средби на Комисијата. Досега Историската комисијата има дадено препораки до владите во Скопје и Софија за заедничко чествување на пет личности – Цар Самоил, браќата Кирил и Методиј и Свети Климент и Свети Наум Охридски.