Молдавија соопшти дека примила речиси 16 илјади украински бегалци од почетокот на руската инвазија на Украина.
Министерката за внатрешни работи Ана Ревенко денеска соопшти дека нешто повеќе од 15 илјади украински граѓани ја преминале границата со Молдавија во последните 24 часа.
Многумина сакаат да продолжат во ЕУ, но најмалку 100 побараа азил во Молдавија, рече таа.
Напливот на украински бегалци доаѓа откако парламентот на Молдавија одобри вонредна состојба во траење од 60 дена поради рускиот напад врз Украина.
Меѓу другото, вонредната состојба, изгласана за време на вонредниот состанок на 24 февруари, забранува масовни демонстрации и ѝ дозволува на владата да протера „непожелни лица“ од земјата.
Дописниците на РСЕ јавуваат дека молдавските власти формирале центри за тријажа и помош на два гранични премини со Украина - Очнита и Паланка. Според Министерството за внатрешни работи на Молдавија, центрите исто така ќе бидат подготвени да понудат сместување за одреден број бегалци во траење од 72 часа.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Молдавија и Украина делат граница долга 1.222 километри.
И Романија, која дели граница до Украина во должина од 650 километри, исто така јавува за зголемен број на преминувања на границата, според тамошните локални власти. И тие велат дека украинските граѓани кои преминуваат во Романија сакаат да го продолжат својот пат кон Полска и Чешка.
Романското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека околу 10 илјади Украинци преминале во земјата од почетокот на инвазијата, но само 11 од нив поднеле барање за статус на бегалци во земјата.
Молдавската претседателка Маја Санду денеска имаше телефонски разговор со романскиот претседател Клаус Јоханис за да разговара за координирање на нивните акции за да им се обезбеди потребната помош за украинските бегалци, објавија од кабинетот на молдавската претседателка.