Државата има доволно стокови резерви за задоволување на потребите на граѓаните, но проблем може да настане доколку кризата во Украина потрае подолго и тогаш ќе бидат потребни интервентни увози, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски гостувајќи во „Утрински брифинг“.
Ова била и една од темите на кои се разговарало на вчерашниот Совет за безбедност, покрај прашањата поврзани со безбедносните аспекти.
„Проценките се однесуваат на реалните факти изнесени од премиерот. Ние сме пополнети во стоковите резерви. Проблем ќе биде ако ова со Украина потрае подолго. Тогаш ќе треба да правиме интервентни увози. Србија донесе одлука да не прави извоз на животно битни ресурси. На берзите се качија цените не само на нафтата, туку и на житото“, истакна Пендаровски.
Пендаровски рече дека немал комуникација со рускиот амбасадор во земјава, а веројатно нема ниту Владата, но бидејќи земјава како членка на НАТО се приклучи на санкциите кон Русија очекува реципрочна мерка од страна на Москва.
„Во однос на санкциите, тоа се главно финансиски санкции и не верувам дека ќе имаат поголем ефект. Голем дел од операциите во Украина се финансирани и со биткоини, а тоа не може да се сопре, вели претседателот Пендаровски, додавајќи дека ситуацијата во Украина се компликува, а целта на руските сили е да падне Киев за да почнат преговори.
Шефот на државата потенцира дека во Северна Македонија има забележителен број граѓани кои негуваат пријателски чувства кон Русија и дури и такви кои имаат симпатии кон рускиот претседател Владимир Путин.
Тој потенцира дека не се сомнева во прозападната политичка ориентација на големите политички партии, но дека анкетите покажуваат и поинакво расположение кај граѓаните.