УЕФА го премести финалето на Лигата на шампионите од Санкт Петербург во Париз

УЕФА одлучи да го премести овогодинешното финале на Лигата на шампионите од Санкт Петербург во Париз, по руската инвазија на Украина.

УЕФА исто така објави дека домашните натпревари на украинските и руските клубови и репрезентации ќе се играат на неутрални места „до понатамошно известување“, пренесува Ројтерс.

Украинските власти на 25 февруари соопштија дека руската армија влегла во Киев, откако рускиот претседател Владимир Путин изврши воена инвазија на Украина од неколку правци еден ден претходно.

Претходно од УЕФА соопштија дека претседателот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), Александар Чеферин свикал вонреден состанок на Извршниот комитет на Европската куќа на фудбалот во врска со ситуацијата во Украина.

Финалниот натпревар од Лигата на шампионите требаше да се одигра на 28 мај во Санкт Петербург.