Руските сили се во Киев, јавуваат украинските власти

Војници на украинската национална гарда на позиции во центарот на Киев, Украина, 25 февруари 2022 година.

Руските сили наводно влегле во главниот град на Украина, Киев, јавуваат украинските власти.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер напиша дека има „ужасни руски ракетни напади врз Киев“, откако утринава во главниот град се слушнаа експлозии.

„Последен пат нашиот главен град доживеа нешто слично во 1941 година, кога беше нападнат од нацистичка Германија. Украина го победи тоа зло и ќе го победи ова“, напиша Кулеба на Твитер.

Истрели и експлозии се слушаат и во Оболонски, северна област во Киев, која е на само девет километри од киевскиот парламент и од центарот на градот.

Министерството за одбрана соопшти на Твитер дека во таа област има непријателски руски оперативци.

На социјалните мрежи се објавуваат видеа како оклопни возила се движат по улиците во областа Оболонски.

Украинската војска соопшти дека одбила напад на воздушната база Гостомел, но руските сили притискаат на западниот брег на реката Дњепар од Белорусија.

Кога руските сили стигнаа до Оболонски, украинското Министерство за одбрана ги повика цивилите да пружаат отпор.

„Ги повикуваме граѓаните да не известат за движењето на трупите, да прават Молотови коктели и да го неутрализираат непријателот“, рече украинскиот министер.

Украина соопшти дека 137 луѓе, меѓу нив војници и цивили, се убиени во нападите од Русија кои започнаа на 24 февруари.