Албанскиот претседател, Илир Мета најостро ја осуди воената офанзива на Русија против Украина, независна и суверена држава. Мета, кој е и врховен командант на вооружените сили, го свика Советот за национална безбедност, на кој се разговараше за сите мерки што ќе бидат преземени околу ситуацијата во Украина.
Во изјава за медиумите по состанокот на Советот, Мета рече дека мерките што ќе се преземат за справување со оваа ситуација, се во целосна координација со сојузниците и партнерите.
„Оваа неиспровоцирана и неоправдана ескалација претставува сериозно кршење на меѓународното право, повелбата на ОН, договорот од Минск, меморандумот од Будимпешта и ја поткопува безбедноста и мирот во цела Европа“, рече Мета.
Во име на албанскиот народ, Мета изрази длабока тага за загубените животи за време на овој напад, а на повредените им посака брзо закрепнување.
Мета истакна дека „Албанија стои во единство со НАТО и ЕУ и ќе ги спроведе сите обврски преземени во рамките на заедничката надворешна политика и безбедност“.