Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) Карим Кан на 25 февруари ја изрази својата загриженост за руската инвазија на Украина и рече дека неговиот суд можеби ќе ги испита можните воени злосторства во земјата. „Ги потсетувам сите страни кои водат непријателства на територијата на Украина дека мојата канцеларија може да ја искористи својата јурисдикција и да истражи каков било акт на геноцид, злосторство против човештвото или воено злосторство извршено во Украина“, наведува Кан во изјавата.
Зеленски: руски диверзантски групи влегле во Киев
„Императив е сите страни во конфликтот да ги почитуваат своите обврски според меѓународното хуманитарно право“, рече Кан, додавајќи дека неговата канцеларија ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата во Украина. Во декември 2020 година, канцеларијата на обвинителот објави дека има причина да верува дека воени злосторства и други злосторства биле извршени за време на конфликтот во источна Украина. Прелиминарното испитување беше затворено, но официјално барање до судиите за отворање целосна истрага се уште не е поднесено. Судиите мора да се договорат пред да може да се отвори истрага. Во декември минатата година, Кан рече дека нема ажурирање за случајот кога беше прашан за напредокот на испитувањето. Русија не е членка на МКС и се спротивстави на случајот. Сепак, судот може да истражува наводни воени злосторства и злосторства против човештвото извршени на територијата на Украина без оглед на националноста на наводните сторители.