Советот за безбедност на Обединетите нации се очекува денеска да гласа за резолуцијата подготвена од САД со која се осудува Русија за инвазијата врз Украина и бара од Москва „веднаш, целосно, безусловно“ да се повлече од Украина, изјави висок претставник на американската администрација. Русија, една од петте членки на Советот за безбедност со право на вето, најверојатно ќе стави вето на резолуцијата, рече американскиот функционер, но Вашингтон и другите сметаат дека Советот е критично место каде што Москва мора да биде принудена да одговара. „Нема да стоиме настрана и да не правиме ништо“, соопшти претставникот.
Украина трпи „сериозни загуби“ по руската инвазија
Рускиот претседател Владимир Путин ја нападна Украина додека 15-члениот Совет за безбедност одржуваше состанок во Њујорк доцна во средата за да се обиде да ги смири повеќенеделните растечки тензии. Вашингтон и сојузниците гледаат на гласањето за нацрт-резолуција во Советот како шанса да се обидат да ја изолираат Москва поради нејзините постапки, барајќи најмалку 13 гласа „за“ и еден воздржан од рускиот партнер – Кина. „Руските агресивни дејства овде носат ризици за Кина заедно со сите останати“, рече американскиот функционер, додавајќи: „Не е во интерес на Кина да одобри разурнувачки конфликт во Европа и да им пркоси на принципите на суверенитет и територијален интегритет за кои тој тврди дека ги цени. Нацрт-текстот го потврдува суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина и исто така повикува на брза, безбедна и непречена испорака на хуманитарна помош до оние на кои им е потребна, рече американскиот функционер.