Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 137 цивили и воен персонал досега се убиени во руската инвазија на неговата земја. Тој ги нарече „херои“ во видео-обраќањето објавено рано изутрината, во кое, исто така, наведува дека повеќе од 300 луѓе биле повредени за помалку од 24 часа борби. „Тие убиваат луѓе и ги претвораат мирните градови во воени цели. Тоа е никогаш нема да биде простено“, рече Зеленски, прецизирајќи дека сите граничари на островот Змиини во регионот Одеса биле убиени. На сите нив постхумно ќе им биде доделена титулата Херој на Украина, рече тој.
Руските сили го зазедоа Чернобил, потврди украинскиот премиер
Зеленски рече дека и покрај загубите, вооружените сили на Украина „брилијантно ја бранат земјата против една од најмоќните нации во светот“. Претседателот, исто така, се жалеше што неговата земја е „оставена сама“ да се бори против Русија. „Кој е подготвен да се бори покрај нас? Не гледам никого“. Претходно тој потпиша декрет со кој се наредува целосна воена мобилизација и им се забранува на мажите на возраст меѓу 18 и 60 години да ја напуштат земјата. Во декретот се вели дека мобилизацијата ќе трае 90 дена. Русија ја започна својата инвазија вчера пред зори, со воздушни напади врз градови и воени бази и испраќање војници и тенкови од повеќе правци.