Путин и Макрон имале „искрен“ телефонски разговор

Макрон на почетокот на февруари беше во посета на Москва.

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот одржа „искрен“ телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, соопшти Кремљ. Претходно Москва испрати трупи да ја нападнат Украина.

Лидерите имаа сериозна и искрена размена на мислења за Украина и Путин даде исцрпно објаснување на причините и околностите за одлуката за спроведување на специјалната воена операција“, се наведува во соопштението на Кремљ.

Елисејската палата соопшти дека Макрон го повикал Путин за да побара прекин на офанзивата на Москва врз Украина.

„Откако разговараше со украинскиот претседател и во координација со него, претседателот (Макрон) го повика Владимир Путин да побара итен прекин на руските воени операции, напоменувајќи дека Русија ризикува масовни санкции“, соопштија од Елисејската палата, додека Макрон присуствува на самитот на ЕУ во Брисел.

Ова е прв познат контакт на Путин со некој од западните лидери откако Кремљ нареди инвазија на Украина, соопшти агенцијата Франс прес (АФП).

Нападот го осудија западните лидери, а САД, Британија и ЕУ објавија санкции против Русија.