Европскиот совет вечерва одобри нови санкции против Москва, како одговор на руската инвазија на Украина. Санкциите го опфаќаат финансискиот сектор, секторите енергетика и транспорт, стоките за двојна намена, како и контрола и финансирање на извоз, визна политика и дополнување на листата на санкции за руски поединци.
Министрите за надворешни работи на земјите членки ќе се состанат утре за да ги отпочнат процедурите за усвојување на санкциите.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел претходно пакетот санкции го опиша како „најострите мерки кои се некогаш воведени“.
„Се работи за остри финансиски санкции кои ќе имаат длабоко влијание на руската економија, финансискиот систем и пристапот до најсовремена технологија“, се наведува во соопштението.
Радио Слободна Европа имаше увид во предлог санкциите.
- Во финансискиот сектор се предлагаат рестриктивни мерки за работата на руските банки, финансирањето на државните претпријатија, како и на тековите и инвестициите од Русија во ЕУ.
- Во енергетскиот сектор се предлага забрана за извоз на одредени технологии за преработка од ЕУ во Русија. Како што стои во документот, оваа забрана за извоз од ЕУ посебно ја покрива опремата и технологијата потребна за надградба на руските рафинерии за нафта според стандардите Еуро-6.
- Во секторот сообраќај се предвидува забрана за извоз на авиони, резервни делови, технологии и пропратни услуги. Во документот се нагласува дека тука би се ставила забраната за извоз, продажба, снабдување или пренос на сите авиони, делови за авиони и опрема во Русија и на сите поврзани поправки, одржување и финансиски услуги. Овие мерки исто така го покриваат и лизингот за авиони и слични услуги.
- Се споменуваат понатамошни ограничувања за извоз на стоки за двојна намена и за дополнителни артикли од напредна технологија.
- Во областа за контрола на извозот, ЕУ би требало да преземе дополнителни мерки за проширување на обемот на стоки и технологии.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Се работи за втор пакет мерки што неделава ЕУ го одобрува против Русија, првиот пакет беше одобрен на 22 месецов. Претходно денеска САД, Велика Британија и други западни земји објавија дека воведуваат санкции кон Русија.