Министерот за надворешни работи Бујар Османи на својот Фејсбук профил објави слики на кои се гледа дека зградата на МНР е обоена во боите на украинското знаме. Тој напиша дека тоа е во знак на солидарност со Украина и украинскиот народ. Османи пишува дека со овој чин сакаат да пратат силна порака на поддршка и солидарност со Украина и пријателскиот украински народ, во овие тешки моменти.
„24 февруари е тажен ден за Украина и мрачен ден за Европа. Со нападот врз Украина, Кремљ уште еднаш грубо го прекрши меѓународното право со кое им донесе страдање и уништување на своите непосредни соседи и го прекрши суверенитетот и границите на Украина. Истовремено, ваквите дејствија го доведоа до прашање и мировниот поредок на нашиот континент. За ништо од ова нема оправдување. Војната и огнот не се шега, а употреба на сила и принуда нема место во 21 век“, напиша Османи.
Тој ја реафирмираме поддршката за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина и упати апел за итен прекин на воените дејствија врз Украина и враќање на мирот.
Османи претходно во изјава за ТВ 24 рече дека досега нема информации дека е повреден некој од македонските граѓани кои останаа во Украина.