Соединетите Американски држави го протераа вториот по ранг руски дипломат во Вашингтон како одговор на тоа што Москва претходно овој месец го протера вториот по ранг американски дипломат во Русија, изјави денеска висок претставник на Стејт департментот.
Протераниот дипломат е Сергеј Трепелков, кој во моментов е втор по ранг во мисијата под амбасадорот Анатолиј Антонов. Претходно Русија го протера заменик-шефот на американската мисијата во Москва, Берт Горман.
Високиот функционер, кој инсистира на анонимност, рече дека Стејт департментот вчера ја информирал руската амбасада за протерувањето.
Протерувањето доаѓа во време на високи тензиите меѓу Соединетите Држави и Русија, но американскиот функционер вели дека протерувањето не е поврзано со инвазијата на Русија на Украина, туку е дел од долгогодишниот спор меѓу Вашингтон и Москва околу персоналот во амбасадата.
Тој вели дека САД нема да дозволат акциите како протерувањето на Горман „да поминат без одговор“.