Исфрлањето на Русија од SWIFT и санкции лично за Путин се на маса, вели Бајден

Џо Бајден и Владимир Путин

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека исфрлањето на Русија од меѓународниот платен систем (SWIFT), како и идејата за санкционирање на рускиот претседател Владимир Путин лично за руската инвазија на Украина, остануваат како можност.

„Тоа не е блеф, тоа е на маса“, им рече Бајден на новинарите во Белата куќа.

Тој не одговори на прашањето зошто санкциите против Путин лично не се вклучени во координираната група санкции објавени во четвртокот, пренесува Ројтерс.

Тој исто така рече дека забраната за пристап до меѓународниот платен систем останува „опција“, но дека европските сојузници на Америка засега се против овој потег.

Видете и ова: Бајден најави замрзнување на средствата на руските банки

„Тоа е секогаш опција, но во моментов тоа не е ставот што остатокот од Европа сака да го заземе“, рече тој на прес-конференцијата посветена на руската инвазија на Украина.

Рано утрото на 24 вефруари руски трупи извршија напад на Украина, чин кој го осудија голем број држави, меѓународни сојузи и институции, а западните лидери најавија остри санкции за Москва поради овој чин.