Британија со санкции за руски Аерофлот, банки, олигарси

Британскиот премиер Борис Џонсон во обраќање пред Парламентот

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска го претстави пакетот „строги“ санкции против Русија. Санкциите се насочени кон банки, членови на најблискиот круг на претседателот Владимир Путин и екстремно богатите кои уживаат во популарниот лондонски стил на живот.

Западните земји ја координираат акцијата за воведување строги санкции против Русија како одговор на нејзината сеопфатна инвазија врз соседна Украина.

Говорејќи пред парламентот, Џонсон рече дека Путин ќе биде осуден од светот и од историјата за неговата инвазија.

„Никогаш нема да може да ја исчисти „крвта на Украина“ од неговите раце. Овој грозен и варварски потфат на Владимир Путин мора да заврши со неуспех“, изјави тој пред парламентот кога ги објави новите санкции.

Џонсон вели дека пакетот санкции е најголемиот и најстрог пакет економски санкции што Русија некогаш го видела.

Британскиот премиер рече дека откако Западот беше критикуван за претходните, послаби санкции како одговор на Русија откако ги призна двете отцепени републики во Украина, лидерите се договориле да работат заедно за да ја „максимизираат економската цена“ што Путин ќе ја плати.

Пакетот санкции од 10 точки, предвидува замрзнување на имотот на некои големи руски банки, вклучително и државната ВТБ, која е втора по големина банка. Санкциите се насочени и да ги спречат големите руски компании да собираат финансии во Британија. Од ВТБ засега нема коментар.

Со санкции му се забранува на руски Аерофлот да лета за Обединетото Кралство, откако Управата за цивилно воздухопловство соопшти дека ја суспендира дозволата за странскиот превозник Аерофлот.

Санкциите имаат и за цел да ги спречат богатите Руси да го користат Лондон како нивно игралиште, со што ќе се намали способноста да складираат големи количини готовина во британските банки. За таа цел ќе се формира нов оддел во Националната агенција за криминал.