Молдавија го затвора воздушниот простор

Маја Санду - Претседателка на Молдавија

Молдавија објави дека го затвора својот воздушен простор поради војната во соседна Украина, откако претходно претседателката Маја Санду прогласи вонредна состојба и рече дека Молдавија е подготвена да прифати десетици илјади луѓе кои доаѓаат од соседна Украина по рускиот напад.

„Ќе им помогнеме на луѓето на кои им е потребна нашата помош и поддршка“, рече Санду.


Министерката за внатрешни работи на Молдавија, Ана Ревенко, рече дека досега 1.900 украински граѓани преминале во Молдавија.

Дописниците на РСЕ известуваат дека молдавските власти почнале да формираат центри за помош на два гранични премини со Украина. Според Министерството за внатрешни работи на Молдавија, центрите исто така ќе бидат подготвени да понудат сместување за одреден број бегалци.