Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руските сили се обидуваат да ја преземат контролата врз нуклеарната централа Чернобил, каде што се случи најголемата нуклеарна катастрофа во светот.
Руските воени сили влегоа во зоната на нуклеарната централа, а борбите ги зголемуваат стравувањата дека тоа може да предизвика еколошка катастрофа од огромни размери, соопштија украински претставници.
„Руските окупациони сили се обидуваат да ја преземат нуклеарната централа Чернобил. Нашите војници ги даваат своите животи за трагедијата од 1986 година да не се повтори“, напиша Зеленски на Твитер.
ој рече дека украинските војници се борат против руските сили за контролата врз Чернобил, која го распрсна радиоактивниот отпад ширум Европа по експлозијата на еден од нуклеарните реактори во април 1986 година.
Нуклеарката, која се наоѓа на 130 километри од Киев, не е во функција, а реакторот што експлодираше е покриен со заштитна обвивка за да се спречи радиоактивно истекување.
Заменик министерот за внатрешни работи Антон Герашченко претходно рече дека руските сили влегле во зоната на нуклеарната централа Чернобил од Белорусија.
Националната гарда, која го чува складиштето со радиоактивен отпад, пружа жесток отпор, рече Герашченко.
„Доколку, како резултат на артилериските напади од окупаторот, биде уништено складиштето на нуклеарен отпад, радиоактивната прашина може да ја прекрие територијата на Украина, Белорусија и земјите од ЕУ“, рече тој.
Михајло Подолиак, советник на шефот на кабинетот на Зеленски, за новинските агенции изјави дека има докази дека неколку руски диверзантско-разузнавачки групи сакале да извршат „терористички чин“ во нуклеарната централа Чернобил и да предизвикаат еколошка катастрофа.
„Ова значително ја менува сликата за она што се случува во земјата“; рече Подолиак.