Членовите на Советот за безбедност ги осудија воените дејствија кои Русија ги презема над Украина и кои веќе донесоа загуба на човечки животи и материјална штета, соопштија од Кабинетот на претседателот на државата, по одржаната седница на Советот. На седницата се разговарало за безбедносната состојба во земјава и регионот поврзана со руската агресија врз Украина.
Членовите на Советот констатирале дека безбедносната состојба во земјата е стабилна.
„Потребно е надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено дејствување“, се наведува во соопштението по одржаната седница.
Во него се наведува дека земјава има доволно стокови резерви и енергенси, а надлежните институции се задолжени секојдневно да ги следат состојбите, за да се интервенира доколку има потреба.
Во однос на македонските граѓани кои се наоѓаат во Украина, државата ги презеде неопходните мерки за нивна безбедна евакуација, како и на вработените во нашата амбасада во Киев, стои во соопштението.
Во него се наведува дека како НАТО членка, Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците во однос на идните активности кои ќе се преземат од страна на сојузниците.
Видете и ова: Македонските политичари едногласни во осудата на руската инвазија врз Украина
„Советот за безбедност упатува апел до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење на дезинформации кои се спротивни на националните интереси на државата, имајќи предвид дека сме членка на НАТО“, се наведува во соопштението.
На седницата присуствувале редовните членови на Советот: претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и членовите именувани од претседателот: Трајан Гоцевски, Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.
На покана на претседателот, на седницата на Советот присуствувале и директорот на Агенцијата за разузнавање, заменик-директорот на Агенцијата за национална безбедност и Началникот на Генералштабот на Армијата.
На седницата линковски се вклучиле и амбасадорот на Северна Македонија во НАТО и амбасадорот во Киев, кои информирале за најновите случувања во Украина и за преземените активности во рамки на НАТО.