Северна Македонија веќе одамна е подготвена за почеток на преговори, но патот до членството е сè уште долг. Јас го гледам како позитивно тоа што висок процент од граѓаните не гледаат друга иднина, освен иднината во рамките на ЕУ, истакна денеска германската амбасадорка во државава Анке Холштајн пред презентацијата на резултатите од „Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014 – 2021)“.
Холштајн рече дека Европската унија се држи кон она што го кажа во март 2020 година, односно за отпочнување пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, чии патишта, рече таа, се отворени.
Што се однесува до новата германска Влада, додаде Холштајн, таа првпат има посебен параграф за Западен Балкан и го споменува пристапувањето во првото поглавје во однос на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија.
„Се согласувам со тоа дека овој регион е дел од Европа и треба под покривот на ЕУ еден ден да станеме уште поблиски и позбиени. Патот кон тоа не е краток. Ниедна земја која што не е доволно подготвена нема да добие никаква корист од членството. Многу работи мора да се направат. Целосен премин на законодавството на земјата во рамките на законодавството на ЕУ, тој комплет на закони и регулативи на ЕУ, не знам колку е голем, но е значителен и постојано расте. И тоа треба да се направи. Значи, треба во многу области да има договори. Земја која што сака да биде членка мора да биде и подготвена да ги издржи и пазарните притисоци на ЕУ“, рече амбасадорката.
Според неа, најнов елемент сега е тоа што во Бугарија има премиер којшто е активен и искажува посветеност да може да се ослободи патот на Северна Македонија кој пристапување во ЕУ.
„Ова значи значителен предизвик, но се чини можен. Тука ја имавме посетата на бугарскиот премиер во Скопје, потоа меѓувладиниот состанок во Софија, работата на работните групи една широка конструктивна агенда која треба да донесе опипливи резултати за граѓаните и да ги придобие повторно мислите и срцата на луѓето. Има разговори меѓу двете министерства за надворешни работи, тие работат кон оформување на рамката за преговорите за пристапување, има цврсти црвени линии за Бугарија, има исто така и црвени линии и за Македонија“, додаде Холштајн.