Италијанскиот премиер Марио Драги денска рече дека рускиот напад врз Украина го оневозможил дијалогот со Москва.
Тој побара од рускиот претседател Владимир Путин „веднаш да го запре крвопролевањето и да ги повлече воените сили“.
После итната седница на владата, Драги рече дека руската операција „нè засега сите нас, нашиот начин на живот, слободата и демократијата“.
Тој рече дека Италија, чија амбасада во Киев е и понатаму отворена, во целост поддржува „силни“ санкции против Русија и дека се координира со сојузниците од НАТО и ЕУ за засилување на безбедноста на источното крило на НАТО.
Руската војска рано утринава ја нападна Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин најави „специјална“ операција за „демилитаризација“ на земјата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека земјата ќе се брани и прогласи воена состојба на целата територија на Украина.