Премиерот Димитар Ковачевски на неговиот Фејсбук профил објави дека денеска на барање на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жосеп Борел, телефонски разговарал за случувањата во Украина.
Во разговорот, тој ја изразил својата благодарност за целосната усогласеност на Република Северна Македонија со надворешната политика на ЕУ. Стоиме заедно и со целосна поддршка на граѓаните во Украина, напиша Ковачевски.
Претходно Владата на Северна Македонија соопшти дека го задолжила Министерството за надворешни работи, преку Постојаната мисија при ЕУ во Брисел, да извести дека Северна Македонија се придружува кон новиот пакет рестриктивни мерки на Советот на ЕУ, заедно со сите претходни одлуки за рестриктивни мерки од 2014 година досега, во поглед на ситуацијата во Украина, и да ја започне постапката за нивно спроведување.
„Во оваа фаза таргетираните рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се придружува и нашата земја, опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина и за нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата“, соопштија од Владата.
Инаку, руските сили денеска ја нападнаа Украина откако рускиот претседател Владимир Путин нареди „специјална операција“ во земјата.