Протест пред руската амбасада во Подгорица

Протест пред руската амбасада во Црна Гора против руската инвазија на Украина

Десетици украински граѓани кои живеат во Црна Гора денеска протестираа пред руската амбасада во Подгорица поради рускиот напад врз нивната земја.

Тие носеа украински и црногорски знамиња, како и транспаренти со натпис „Украинците ќе се спротивстават“, извикувајќи „Стоп за руската агресија“ и „Путин, марш од Украина“.

Претставничката на украинската амбасада Наталија Фиалка изјави дека Украинците кои живеат во Црна Гора се собрале за да изразат поддршка на својата татковина и да го изразат своето незадоволство од рускиот агресор.

„Утрово Украинците се разбудија во шок, со звуците на гранатирање на украинските градови. Денеска украинската армија води битки во близина на Киев. Сите наши граѓани се чувствуваат загрозени од рускиот агресор“, рече Фиалка.

Еден од учесниците рече дека се разбудил со вестите за напад врз Украина.

„Добив повик од сестра ми која ми кажа дека се крие во станицата на метрото“, рече тој.

Учесникот на протестот рече дека нивна желба е луѓето во Украина да живеат во мир.

„Сакаме да престане руската агресија, нашите мајки, баби и деца да спијат мирно. Путин, марш од Украина, те молам остави не“, рече учесникот на протестите.

Зградата на Амбасадата во Подгорица ја обезбедува полицијата.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди воена операција во Украина во четвртокот (24-ти февруари) и ги предупреди другите земји дека секој обид за попречување на руската акција ќе доведе до „последици какви што досега не сте виделе во историјата“.

Тој рече дека нападот е неопходен за да се заштитат цивилите во источна Украина - тврдење кое според САД е само лажно оправдување на рускиот претседател за инвазијата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот прогласи воена состојба во целата земја.

„Русија изврши напади врз нашата воена инфраструктура и врз нашите гранични чувари“, рече Зеленски во своето обраќање. „Воведуваме воена состојба низ нашата земја.

Тој ги повика граѓаните „да останат дома“ и да го продолжат животот „без паника“.