Претседателот на Социјалистичката партија на Србија и претседател на српското Народно собрание Ивица Дачиќ денеска оцени дека Србија не смее да се придружи на разните осуди и санкции против Русија, зашто земјите кои тоа го бараат од Србија не ѝ помогнале во 1999 година, кога земјата беше бомбардирана.
Гостувајќи на Радио-телевизија Србија, Дачиќ рече дека официјален Белград треба да ги сочува односите со ЕУ, но и со Русија и Кина, „зашто никој нема да нè брани ако тие [Русија и Кина] престанат да нè бранат“.
„Дали сме енергетска сила па сè да зависи од тоа како ќе се изјасниме? Мораме да ги гледаме своите интереси. Доста гиневме за други“, рече Дачиќ.
Тој рече дека кризата во Украина се случи зашто Западот не го почитувал договорот НАТО да не се шири во источна Европа.
„Мораме да балансираме, и украинскиот и рускиот народ ќе платат висока цена. Апелираме за мир“, рече Дачиќ, чија партија е дел од актуелната власт во Србија.
Руската војска рано утринава ја нападна Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин најави „специјална“ операција за „демилитаризација“ на земјата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека земјата ќе се брани и прогласи воена состојба на целата територија на Украина.
ЕУ, САД и други земји одговорија со санкции против Русија.
Сите земји од регионот, освен Србија, ја осудија руската инвазија, освен БиХ која нема заеднички став, со оглед на тоа што Република Српска одби да се придружи на осудите.
Официјален Белград досега одржува исклучително блиски односи со Москва, а истовремено нагласува дека го поддржува територијалниот интегритет на Украина.
Откако Русија во 2014 година го анектираше Крим, Србија не го призна украинскиот полуостров како дел од Русија, но истовремено не се придружи кон економските санкции на ЕУ против Русија.
Брисел веќе неколку пати апелира до Србија, во тој поглед, да ја усогласи својата надворешна политика со европската, но тоа досега не се случи.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на 22 февруари за ТВ Пинк рече дека ќе го осуди руското признавање на независноста на сепаратистичките региони во источна Украина кога украинскиот претседател Володимир Зеленски на телевизија ќе го осуди НАТО бомбардирањето на Србија во 1999 година.
Ниту Русија ниту Украина не ја признаваат независноста на Косово.
Србија целосно е зависна од руски гас.