УНХЦР - Цивилите во Украина мора да бидат заштитени

Лого на УНХЦР.

Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации (ОН) Филипо Гранди во денешно соопштение изјави дека најдлабоко се загрижени од ситуацијата и воената акција во Украина што, како што наведува, брзо се влошува.

„Хуманитарните последици врз цивилното население ќе бидат разорувачки. Не постојат победници во војна, а небројани животи ќе бидат уништени. Веќе гледаме известувања за жртви и луѓе кои започнуваат да ги напуштаат своите домови во потрага по безбедност“, вели Гранди.

Тој вели дека животите на цивилите и цивилната инфраструктура мора да бидат заштитени и почитувани во секој момент во склад со меѓународното хуманитарно право.

Руските сили денеска рано утрината ја нападнаа Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин нареди „специјална операција“ за „демилитаризација“ на земјата, потег што може да сигнализира почеток на тешки борби меѓу двете земји.

Според медиумските извештаи на 24 февруари, повеќе градови се нападнати, а копнените руски сили влегуваат во Украина од различни позиции во Русија и Белорусија. Видео снимките покажуваат експлозии во неколку делови на главниот град Киев. Сведоци велат дека експлозии се слушнале во Киев.

Според гранди, УНХЦР работи со властите, ОН и другите партнери во Украина и е подготвен е да обезбеди хуманитарна помош каде и да е потребно и можно.

„Во таа насока, безбедноста и пристапот за хуманитарни напори
мора да бидат гарантирани. УНХЦР исто така работи со владите во соседните држави, барајќи од нив да ги задржат границите отворени за луѓето кои бараат безбедност и заштита“, вели Гранди.

Тој вели дека се подготвени да ги поддржат напорите на сите за да одговорат на секоја ситуација на присилно раселување.

„Во истата насока, ги зголемивме нашите операции и капацитети во Украина и соседните држави. Остануваме цврсто посветени да ги поддржиме сите засегнати популации во Украина и државите во регионот“, вели Гранди.