Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека рускиот напад врз Украина го нарушил мирот во Европа и вети дека Алијансата ќе го брани „секој сантиметар“ од територијата на членките.
„Мораме да одговориме со обновена решителност и уште посилно единство“, рече Столтенберг на прес-конференција по одржувањето на итниот состанок на амбасадорите на НАТО во Брисел.
„Она што го правиме е одбранбено“, рече Столтенберг кој потврди дека 30 национални лидери на НАТО ќе одржат виртуелен состанок на 25 февруари.
Столтенберг ја повтори посветеноста на Алијансата кон Членот 5, кој предвидува дека нападот врз една членка претставува напад врз сите членки.
Тој рече дека алијансата исто така ги активира своите „одбранбени планови“ за сојузничките земји кои не се членки на НАТО, но се усогласени со Западот.
Шефот на НАТО рече дека западната воена алијанса веќе ги зајакнува своите одбранбени способности и дека има повеќе од 100 воени авиони во висока борбена готовност за да го заштити воздушниот простор на членките.
Столтенберг го критикуваше рускиот напад врз Украина, велејќи дека тоа е „намерна, ладнокрвна и долго планирана инвазија“.
Тој рече дека „Русија користи сила за да се обиде да ја преработи историјата“.
„Русија ја нападна Украина. Ова е брутален чин на војна. Нашите мисли се со храбриот народ на Украина“, рече тој.
„Мирот на нашиот континент е нарушен“, додаде тој.
Итната седница на 24 февруари дојде откако Естонија, Латвија, Литванија и Полска побараа ретки консултации според Членот 4 од Повелбата на НАТО.
Тој член може да биде инициран кога „се загрозени територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните на [НАТО]“.
„Одлучивме, во согласност со нашето одбранбено планирање да ги заштитиме сите сојузници, да преземеме дополнителни чекори за понатамошно зајакнување на одвраќањето и за одбраната низ Алијансата“, изјавија претставниците на четирите земји.