Литванскиот претседател Гитанас Науседа прогласи вонредна состојба, објави Ројтерс.
Науседа вели дека планира да ја испрати војската да ги брани своите граници како одговор на „можните пореметувања и провокации поради големиот број воени сили натрупани во Русија и Белорусија“.
Во меѓувреме, премиерката на Естонија Каја Калас, за Бибиси њуз изјави дека ќе ѝ помогнат на Украина „со сите средства со кои можеме“, вклучувајќи политичка поддршка и испраќање оружје.
„Мора да направиме сè на ниво на ЕУ и НАТО оваа агресија да не се прошири“, порача Калас.
Таа ги советуваше Естонците да останат мирни и додаде дека во моментов нема закани на естонските граници.
Руската војска рано утринава ја нападна Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин најави „специјална“ операција за „демилитаризација“ на земјата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека земјата ќе се брани и прогласи воена состојба на целата територија на Украина.