Кремљ денеска ја повтори претходната изјава на рускиот претседател Владимир Путин дека целта на инвазијата врз Украина од руските цели е „демилитаризација и денацификација на Украина“.
Путин претходно денеска го правдаше нападот врз Украина, велејќи дека Москва ќе се обиде да ја демилитаризира и „денацифизира“ Украина, повторувајќи ги неговите неосновани обвинувања изнесени во говорот од 21 февруари дека украинската влада е „неонацистички“ режим кој сака да обезбеди нуклеарно оружје.
- Руските сили ја нападнаа Украина откако Путин нареди „специјална операција“
- Лудост или метод? Зошто Путин ги призна сепаратистите во Украина?
„Идеално, Украина мора да биде ослободена и исчистена од нацисти, нацистички ориентирани луѓе и идеологии“, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитри Песков.
Тој одби пошироко да елаборира кога новинар го запраша дали ги смета украинскиот претседател Володимир Зеленски и владата за „нацисти“.
Објаснувајќи што значи демилитаризација на Украина, Песков рече дека тоа е „неутрализација на нејзиниот воен потенцијал, кој во последно време беше значително зголемен, поради, меѓу другото, активните залагања на странски земји“.
Одговарајќи на новинарско прашање колку длабоко Русија планира да влезе во Украина, Песков рече:
„Не можам да давам никакви информации поврзани со воените, технолошки и други елементи на оваа операција.“
„Условите на операцијата ќе бидат дефинирани од нејзината ефикасност, усогласеност и, се разбира, ќе бидат дефинирани од врховниот командант“, рече Песков.
Тој исто така рече дека не знае дали се спроведени испитувања на јавното мислење за да се утврди нивото на поддршка во Русија за одлуката на Кремљ да започне целосна воена операција против Украина, која е осудена од многу земји во светот.