Македонската Влада на денешна седница ја разгледа и усвои Информацијата за новиот пакет рестриктивни мерки на Европската унија во однос на ситуацијата во Украина, а дадена е препорака Северна Македонија да се придружи кон сите одлуки на ЕУ за овој вид рестриктивни мерки, соопшти владината прес-служба.
Европската унија вчера ја одобри првата ограничена рунда санкции, откако едногласно донесе таква одлука против Русија која по одлуката на рускиот претседател Владимир Путин ги призна сепаратистичките региони во источна Украина и во нив распореди војници.
Денеска исто така лидерите на Европската унија ќе одржат итен самит на кој ќе разговараат за тоа што да се прави следно во врска со ситуацијата со украинската криза.
Инаку, руските сили денеска ја нападнаа Украина откако рускиот претседател Владимир Путин нареди „специјална операција“ во земјата.
Владата на Северна Македонија соопшти дека го задолжила Министерството за надворешни работи, преку Постојаната мисија при ЕУ во Брисел, да извести дека Северна Македонија се придружува кон новиот пакет рестриктивни мерки на Советот на ЕУ, заедно со сите претходни одлуки за рестриктивни мерки од 2014 година досега, во поглед на ситуацијата во Украина, и да ја започне постапката за нивно спроведување.
„Во оваа фаза таргетираните рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се придружува и нашата земја, опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина и за нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата“, се вели во владиното соопштение.
Исто така од Владата наведуваат дека таргетираните мерки се однесуваат и на рестрикциите на работењето на одредени банки на Руската Федерација со финансиските институции на ЕУ и на нејзините земји членки.
На оваа седница Владата ја разгледала и Информацијата за потребата од обезбедување сместување на државјани на Северна Македонија и членовите на нивните семејства по нивна евакуација од Украина.
„Владата го задолжи Министерството за надворешни работи да ги прибере барањата на сите државјани на Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства кои се наоѓаат во кризните региони во Украина и кои ќе побараат привремена заштита и сместување, а немаат свое сместување во Северна Македонија, во координација со Министерството за труд и социјална политика да се овозможи сместување на соодветни локации во земјата“, се вели во соопштението.
Денеска експлозии и пукотници беа забележани во Киев и други украински градови. Извештаите од западните новински агенции рано на 24 февруари наведуваат дека повеќе градови биле нападнати и дека копнените сили влегуваат во Украина од различни позиции во Русија и Белорусија.