Првични извештаи за жртви во рускиот напад врз Украина

Украински воени возила се движат покрај плоштадот на Независноста во центарот на Киев. Во главниот град одекнаа сирените за воздушен напад, додека градовите низ Украина беа погодени со, како што рекоа украинските власти, руски ракетни напади и артилерија. 24.02.2022.

Објавени се први извештаи за жртви во Украина, по експлозиите и сирените кои се слушаа во главниот град Киев и на аеродром Бориспил, а сведоци во Харков, Краматорск, Днипро, Мариупол, Одеса и Запорожје исто така пријавија експлозии во раните утрински часови.

Си-Ен-Ен објави дека руските војници влегле во Украина преку пристанишниот град Одеса, но не е јасно дали тие биле вклучени во борбите.

Си-Ен-Ен, исто така објави видео во кое наводно се гледа како руските војници влегуваат во Украина од Белорусија, каде што учествуваа во воени вежби.

Имаше бројни спротивставени тврдења за смртни случаи, повредени и за соборувања на авиони, од кои многу не можеше да бидат независно потврдени.

Украинското Министерство за внатрешни работи соопшти дека седум војници загинале во првичните воздушни напади, а 15 други биле повредени. Министерството наведува дека 19 војници се водат за исчезнати и дека е уништен мостот на реката Инхулетс.

За нападот на Москва врз Украина се стравуваше одамна, а започна рано на 24 февруари со проектили истрелани кон аеродромите и воената инфраструктура во најмалку седум градови, откако рускиот претседател Владимир Путин нареди „специјална“ операција за „демилитаризација“ на нејзиниот сосед.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека ја погодило воената инфраструктура во воздушните бази на Украина и ја „потиснало“ нејзината воздушна одбрана, но дека не ги погодила населените места.

„Потиснати се средствата за противвоздушна одбрана на украинските вооружени сили. Воената инфраструктура на воздушните бази на украинските вооружени сили е исфрлена од акција“, јави Интерфакс цитирајќи го Министерството.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер напиша дека „Путин штотуку започна целосна инвазија на Украина. Мирните украински градови се под удари“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој телефонски разговараше со американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Борис Џонсон, рече дека прогласува воена состојба, но ги повика граѓаните да останат смирени.

Западот непосредн го осуди нападот и вети нови, построги санкции за Москва.