Ковачевски - Го осудувам чинот на отворена воена агресија од Русија врз Украина

Премиерот Димитар Ковачевски

Го осудувам чинот на отворена воена агресија од страна на Русија врз Украина. Војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирањата, а агресијата врз Украина е закана и за европскиот и светскиот мир, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот Фејсбук-профил.

„Владата ја следи многу внимателно состојбата во Украина. Безбедносната состојба во нашата земја е стабилна и во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна Македонија“, објави Ковачевски.

Покрај безбедносната состојбата, напиша премиерот Ковачевски, Владата одблиску ги следи и промените во светските економски текови кои се дестабилизирани од новонастанатата состојба.

„Владата како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните“, истакна Ковачевски во објавата.

Руските сили рано утринава ја нападнаа Украина откако рускиот претседател Владимир Путин нареди „специјална операција“ за „демилитаризација“ на земјата.