Молдавската претседателка Маја Санду денеска изјави дека Кишињев ќе воведе вонредна состојба и дека земјата е подготвена да прифати десетици илјади луѓе кои доаѓаат од соседна Украина по рускиот напад.
„Ќе им помогнеме на луѓето на кои им е потребна нашата помош и поддршка“, рече Санду.
Таа рече дека свикала состанок на Комитетот за исклучителни ситуации за да одлучи за низа мерки за управување со хуманитарниот аспект на кризата.
Според молдавските медиуми, десетици возила во редици чекаат на границата меѓу Украина и Молдавија.
Експлозии и пукотници беа забележани денеска во Киев и други украински градови, откако рускиот претседател Владимир Путин најави „специјална“ операција за „демилитаризација“ на земјата, потег што може да сигнализира почеток на тешки борби меѓу двете земји.
Украинскиот претседател Зеленски рече дека Русија ја напаѓа „нашата воена инфраструктура.“ Тој денеска прогласи воена состојба низ целата земја.
Зеленски рече дека разговарал со американскиот претседател Џо Бајден, откако Путин ја започна воената операција и ги предупреди другите земји дека секој обид да се попречи руската акција ќе доведе до „последици какви што досега не сте виделе во историјата“.