Кина повика на преговори за Украина и упати критики кон САД

Хуа Чунјинг, портпаролка на кинеското Министерството за надворешни работи.

Кина денеска го повтори својот повик на преговори за решавање на кризата во Украина, одбивајќи да ги критикува руските напади и обвинувајќи ги САД и нивните сојузници за влошување на ситуацијата во Источна Европа.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи Хуа Чунјинг, изјави дека „украинското прашање е сложено во неговата историска позадина. Она што го гледаме денес е меѓусебна игра на сложени фактори“, рече Хуа.

Таа вели дека Кина внимателно ги следи најновите случувања.

„Се уште се надеваме дека заинтересираните страни нема да ја затворат вратата на мирот и наместо тоа ќе се вклучат во дијалог и консултации и ќе спречат понатамошна ескалација“, рече таа.

Иако Кина не го поддржа признавањето на независноста на сепаратистичките области во источна Украина, Луганск и Доњецк, Хуа рече дека Кина „ги повикува страните да ги почитуваат легитимните безбедносни грижи на другите луѓе“.

„Сите страни треба да работат за мир наместо да ги ескалираат тензиите или да ја поттикнуваат можноста за војна“, рече Хуа, повторувајќи го јазикот што Кина постојано го користи во реториката на западните критики за кризата.

„Оние партии кои беа зафатени со судење на другите, што направија? Дали ги убедија другите?“, рече Хуа.

Кина и Русија во голема мера ја координираа својата надворешна политика наспроти САД и нивните сојузници. Хуа не ја опишува руската акција како инвазија, ниту пак зборува директно за движењето на руските сили кон Украина.

Претходно кинеската амбасада во Киев упати предупредување до граѓаните да останат дома и да го стават кинеското знаме во или на нивните возила доколку треба да патуваат на долги релации.

Хуа на 23 февруари го обвини Западот дека создава „страв и паника“ поради кризата и рече дека САД ги подгреваат тензиите давајќи му оружје на Киев. Таа рече дека Кина се противи на новите санкции кон Русија.

Руските сили денеска ја нападнаа Украина откако Путин нареди „специјална операција“. Експлозии и пукотници беа забележани во Киев и други украински градови. Извештаите од западните новински агенции рано на 24 февруари наведуваат дека повеќе градови биле нападнати и дека копнените сили влегуваат во Украина од различни позиции во Русија и Белорусија.