Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска прогласи воена состојба низ целата земја. Зеленски рече дека разговарал со американскиот претседател Џо Бајден, откако рускиот претседател Владимир Путин нареди воена операција во Украина и ги предупреди другите земји дека секој обид да се попречи руската акција ќе доведе до „последици какви што досега не сте виделе во историјата“.
„Русија изврши напади врз нашата воена инфраструктура и врз нашите граничари и гранични одреди“, рече Зеленски во своето обраќање:
„Воведуваме воена состојба во целата наша земја“, рече Зеленски.
Тој ги повика граѓаните среде воените акции „да останат дома“ и да го продолжат животот „без паника“.
Тој рече дека „целиот безбедносен и одбранбен сектор“ на Украина работи, додавајќи „ние сме подготвени на се“.
Украина исто така објави дека го затворила својот воздушен простор за цивилни летови поради „висок ризик“ за безбедноста. Во моментов нема извештаи за повредени или загинати.