По веста дека Русија денеска започна воена операција против Украина, осуди за потезите на рускиот претседател Владимир Путин доаѓаат и од политичките лидери од Западен Балкан.
Босна и Херцеговина се приклучи кон изјавата на земјите членки на Европската унија за ситуацијата во Украина, наведувајќи дека во согласност со нивните можности ќе продолжат да даваат „поддршка за Украина“, се вели во соопштението од кабинетот на претседавачот со Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ.
Во соопштението се додава дека Комшиќ денеска веќе разговарал со украинскиот вршител на должноста, кој официјално ја известил Босна и Херцеговина дека е започнат напад врз Украина и дека Украина во иднина бара поддршка од БиХ.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски соопшти дека изразува силна осуда за воените дејствија кои Русија ги презема над Украина. Тој за денеска во 14 часот свика седница на Советот за безбедност на која ќе се дискутира за руската агресија врз Украина.
Пендаровски вели дека овие дејствија неизбежно ќе водат кон ненадоместлива загуба на човечки животи и материјална штета.
„Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа“, вели Пендаровски.
Црна Гора остро ја осудува руската воена агресија врз Украина, напиша на Твитер црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.
„Русија ги крши сите основни принципи на меѓународното право, ја поткопува европската безбедност и ја загрозува нејзината стабилност“, рече Ѓукановиќ.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека нејзината земја и нејзиниот народ го поддржуваат народот на Украина кој се соочува со „последиците од неиспровоцираната војна, која е резултат на руската агресија“.
„Ќе работиме со нашите сојузници за да запреме каква било дестабилизација на нашиот регион. Руската хегемонија нема да триумфира. Слободата и демократијата ќе победат“, напиша Османи на Твитер.
Хрватскиот премиер Андреј Планковиќ ги осуди последните потези на Москва. Тој на Твитер ја осуди руската агресија врз Украина.
„Овој неиспровоциран напад е грубо кршење на суверенитетот на Украина и меѓународното право. Ова е ексклузивна одговорност на Русија, која ја повикуваме на итен прекин на воениот напад. Изразуваме солидарност со Украина и украинскиот народ“, напиша Пленковиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во 13 часот свика седница на Советот за национална безбедност поради настаните во Украина и регионот, а во 15 часот ќе се одржи седница на Владата на Србија.
Вечерта на 23 февруари, Вучиќ изјави дека Србија ќе одговори на барањата за усогласување со одлуката на ЕУ за воведување санкции кон Русија во следните 48 часа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска прогласи воена состојба низ целата земја, откако рускиот претседател Владимир Путин нареди воена операција во Украина и ги предупреди другите земји дека секој обид за попречување на руската акција ќе доведе до „последици какви што досега не сте виделе во историјата“.
Лидерите на европските институции денеска најавија нови построги мерки против Русија поради нападот врз Украина.
Во заедничката декларација на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел потврдија дека новиот пакет санкции ќе биде претставен на вонреден самит во четврток вечер.