Противречни извештаи за жртви и повредени откако Русија ја нападна Украина

Остатоци од проектил што падна на улица, откако рускиот претседател Владимир Путин одобри воена операција во источна Украина, во Киев, Украина, 24 февруари 2022 година

Првите извештаи за жртви се појавија кога се слушнаа експлозии и сирени во главниот град и неговиот аеродром Бориспил, а сведоци во Харков, Краматорск, Днипро, Мариупол, Одеса и Запорожје исто така пријавија експлозии во раните утрински часови. Си-Ен-Ен објави дека руските војници влегле во Украина преку пристанишниот град Одеса, но не е јасно дали тие биле вклучени во борбите. Си-Ен-Ен, исто така, прикажа видео на кое наводно се гледа како руските војници влегуваат во Украина од Белорусија, каде што биле вклучени во воени вежби.

Руските сили ја нападнаа Украина откако Путин нареди „специјална операција“

Има бројни спротивставени тврдења за повредни, смртни случаи и соборувања на авиони, од кои многу не можеше да бидат независно потврдени. Украинското Министерство за внатрешни работи соопшти дека седум војници загинале во првичните воздушни напади и дека уште 15 биле повредени. Се наведува дека 19 војници се водат за исчезнати и дека е уништен мостот на реката Инхулетс. Руското Министерство за одбрана соопшти дека ја погодило воената инфраструктура во воздушните бази на Украина и ја „потиснало“ нејзината воздушна одбрана, но дека не ги погодила населените места. „Потиснати се средствата за противвоздушна одбрана на украинските вооружени сили. Воената инфраструктура на воздушните бази на украинските вооружени сили е исфрлена од акција“, соопшти Министерството.

Зеленски: Русија ја напаѓа „нашата воена инфраструктура“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски -- кој телефонски разговараше со американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Борис Џонсон -- рече дека прогласува воена состојба, но ги повика граѓаните да останат смирени.Во националниот телевизиски говор рано на 24 февруари, Путин се обиде да ја оправда офанзивната операција тврдејќи дека мора да спречи Украина да се здобие со нуклеарно оружје. Украина не посочи дека бара нуклеарно оружје. „Околностите бараат од нас да преземеме решителна и итна акција“, и рече Путин на нацијата, велејќи дека сепаратистите поддржани од Русија во украинскиот регион Донбас побарале помош. Путин, исто така, рече дека акцијата има за цел да ги заштити цивилите и дека доаѓа како одговор на заканите што доаѓаат од Украина - тврдења што Киев и Западот долго време ги отфрлаат. Путин ја повика украинската војска да го остави оружјето.