Фридом Хаус: Македонија делумно слободна

„Слободата во светот 2022“ Фридом хаус

Во најновиот извештај „Слободата во светот 2022“ Фридом хаус наведува дека Северна Македонија е во групата на земји кои имаат делумна слобода. Во забелешките за годинашниот извештај се наведува дека глобалната слобода се соочува со страшна закана. „Низ светот, непријателите на либералната демократија - форма на самоуправа во која се признаваат човековите права и секој поединец има право на еднаков третман според законот - ги интензивираат своите напади. Авторитарните режими станаа поефикасни во кооптирањето или заобиколувањето на нормите и институциите наменети за поддршка на основните слободи и во обезбедувањето помош на другите кои сакаат да го сторат истото“, се оценува во извештајот во кој се додава:

Луѓето и во демократски земји не сметаат дека имаат демократија

„Во земјите со одамна воспоставени демократии, внатрешните сили ги искористија недостатоците во нивните системи, искривувајќи ја националната политика за да промовираат омраза, насилство и незауздана моќ. Оние земји кои се бореа во просторот меѓу демократијата и авторитаризмот, во меѓувреме, се повеќе се навалуваат кон второто“. Фридом хаус наведува дека глобалниот поредок се ближи до крајна точка, и ако бранителите на демократијата не соработуваат за да помогнат да се гарантира слободата за сите луѓе, ќе преовлада авторитарниот модел.