Русија најави дека американските санкции ќе наидат на „силен одговор“, откако американскиот претседател Џо Бајден најави нови мерки кон Москва поради „почетокот“ на инвазијата на Украина, пренесува АФП.
„Нема сомнеж дека санкциите ќе предизвикаат силен одговор, не нужно симетричен, но добро одмерен и чувствителен за американската страна“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Министерството соопшти дека Вашингтон вовел нова рунда санкции за да го промени „рускиот курс“.
„Русија докажа дека, со сите санкции, е способна да ја минимизира штетата. Освен тоа, тие не можат да влијаат на нашата решеност цврсто да ги браниме нашите интереси“, се вели во соопштението на Министерството.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера ја најави „првата транша“ санкции, како одговор на руското признавање на одметнатите територии на Украина Доњецк и Луганск, чија независност беше прогласена од руските сепаратисти.
Вашингтон воведе санкции за две големи руски финансиски институции и ги заостри ограничувањата на рускиот државен долг. Бајден објасни дека ова значи дека руската влада нема да има пристап до финансирање од Запад.
Бајден, исто така, рече дека САД ги покренуваат силите за заштита на балтичките сојузници на НАТО додека Русија го зајакнува своето присуство на исток.
На 21 февруари Путин ја призна независноста на сепаратистичките региони Доњецк и Луганск во источна Украина и одобри испраќање војници во областа. Двата региони граничат со Русија и од 2014 година се контролирани од борци поддржани од Русија.