Околу 2500 жени во дебарско без матичен гинеколог

Аргетим Фида, гинеколог во Дебар

Во Општините Дебар и Центар Жупа и во дел од општината Маврово – Ростуше во регионот на Долна Река многу жени немаат матичен гинеколог. Оваа состојба негативно влијае врз здравјето на жените бидејќи немаат редовни контроли, оценуваат матични гинеколози од Дебар .

Гинекологот Аргетим Фида за Радио Слободна Европа изјави дека од над 11.000 жени во регионот, околу 2500 се уште немаат матичен гинеколог .

„Пред пет години состојбата беше уште полоша бидејќи над 50 отсто од жените немаа матичен лекар, но и сегашната бројка е навистина голема и негативно влијае врз здравјето на жените од овој регион“, вели Фида.

Тој додава дека се прават напори со надлежните институции жените да не ја занемаруваат потребата од матичен гинеколог. Според Фида регионот го покриваат тројца гинеколози со седиште во Дебар и честопати апелираат до женскиот пол редовно да ги врши контролите.

Поради позицијата на руралната општина Маврово – Ростуше, регионот Долна Река се покрива од дебарските здравствени институции. Така е и со гинеколозите. Инаку и во градот така и во руралните населби има жени кои немаат матичен гинеколог. Граѓанските здруженија од Дебар неколкупати оценуваат дека потребни се повеќе за да се зголеми свеста на жените за да имаат матични лекари.