Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека на подрачјето на Скопје во спроведена заедничка координирана полициска акција, вчера биле уапсени десет луѓе, а запленети се околу 40 килограми марихуана со вредност над 200.000 евра.
Со ова, соопштија од МВР, е сузбиена меѓународна криминална група во која покрај македонски државјани имало албански и косовски државјани, кои биле инволвирани во недозволена трговија и продажба на наркотични дроги, така што организирале транспорт на марихуана од Албанија преку Косово во државава, а понатаму ја транспортирале во Турција.
Во текот на денешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против сите десет лица.
Приведувањата, информира полицијата се случувале вчера истовремено на локалниот пат за Сопиште, на крстосницата кај трговски центар на подрачјето на Бит Пазар, биле извршени претреси на две локации во село Патишка Река, во село Никиштани, како и на подрачјата на Карпош и на Бит Пазар. На излез на Граничен премин Долно Блаце бил лишен од слобода и косовски државјанин, при обид да побегне од државата.