Поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск денеска ги повика сите страни вклучени во руско-украинската криза да ја преиспитаат, како што рече, својата совест и да се воздржат од закани со војна.
Папата рече дека заканата со војна му предизвикала „голема болка во срцето“ и додаде дека ситуацијата во Украина го дискредитира меѓународното право.
„Мирот на сите уште еднаш е загрозен поради интерес“, рече папата на крајот од својата молитва.
Тој побара од лидерите да се воздржат од какви било потези кои би предизвикале дополнително страдање. Папата рече дека и покрај дипломатските напори во изминатите недели, се појавуваат сè поалармантни сценарија.
Западните лидери со недели се сомневаа дека Русија подготвува инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин на 21 февруари ја призна независноста на Луганск и Доњецк, две проруски сепаратистички територии на истокот од Украина, што предизвика страв од руска воена интервенција пред портите на Европската унија.