Кинеското Министерство за надворешни работи на 23 февруари соопшти дека Тајван „не е Украина“ и дека отсекогаш бил дел од Кина. Оваа изјава следува по повикот на претседателката на Тајван Цај Инг-вен да се зајакне будноста поради територијалната криза во Источна Европа.
Коментарите следуваат и откако британскиот премиер Борис Џонсон го наведе ризикот за Тајван во предупредувањето за штетните глобални последици доколку Западот не ги исполни своите ветувања дека ќе ја поддржи украинската независност наспроти заканите од Русија.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Кина Хуа Чунјинг отфрли каква било сличност меѓу Украина и Тајван.
„Тајван не е Украина. Тајван отсекогаш бил неотуѓив дел од Кина. Ова е неоспорен правен и историски факт“, наведе портпаролката.
Кина тврди дека американскиот сојузник Тајван е нивна територија и го смета за отцепена провинција, а не независна држава. Поразената влада на Република Кина побегна на островот Тајван во 1949 година, откако загуби од комунистите, кои сè уште владејат со Народна Република Кина.
Тајванската претседателка Цаи изрази „емпатија“ со ситуацијата во Украина.
„Нашата влада го осудува кршењето на суверенитетот на Украина... и ги повикува сите страни да продолжат да ги решаваат споровите на мирен и рационален начин“, рече таа.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Таа ги опиша Тајван и Украина како „фундаментално различни во однос на геостратегијата, географската средина и важноста во меѓународните синџири на снабдување“.