Украина на 23 февруари почна да регрутира воени резервисти на возраст од 18 до 60 години по указот издаден од претседателот Володимир Зеленски бидејќи земјата се соочува со закана од целосна инвазија од Русија. Зеленски, во телевизиско обраќање на 22 февруари, рече дека ќе спроведе регрутирање на резервисти, но дека во овој момент не наредува општа мобилизација на војската.
„Мораме да ја зголемиме подготвеноста на украинската армија за сите можни промени на оперативната ситуација“, рече тој.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Зеленски додаде дека сè уште бара дипломатски излез од сегашната криза, но инсистираше на тоа дека Украина нема да ѝ отстапи никаква територија на Русија. Во меѓувреме украинските власти ги повикаа своите граѓани да избегнуваат патување во Русија, a оние кои се таму веднаш да ја напуштат, наведувајќи дека е можно нарушување на конзуларните услуги во услови на зголемени тензии.
На 21 февруари, рускиот претседател Владимир Путин рече дека ги признаваат двата сепаратистички региони во источна Украина како независни држави и дека таму ќе испрати руски војници, чекори што ги осудија Киев, Обединетите нации, Западот и други земји. Западните лидери рекоа дека чекорите на Москва преземени оваа недела се првите кон евентуалната целосна инвазија на Украина.