Вчеравечер, кус временски период беше отежнат или блокиран пристапот до веб-страниците на Народната банка (НБ) и домашните банки, како резултат на ДДоС напад. Ова беше надминато во најкус рок преку мерките кои беа преземени од страна на Народната банка, банките и веб-провајдерите. Безбедноста, односно доверливоста и интегритетот на податоците, во ниту еден момент не беше доведенa во прашање, информираат од НБ.
„ДДоС е напад на веб-страниците, во кој огромен број на фиктивни клиенти од различни локации се преправаат дека сакаат да добијат информации од страницата, поради што серверот се преоптоварува и му треба повеќе време за да одговори на барањата од реалните корисници. Но, во ваков случај ниту се исклучува сервисот, ниту пак се менува содржината на веб-страницата“, велат од НБ.
Во согласност со глобалните трендови, додаваат, Народна банка, заедно со банките, постојано работи на зајакнување на отпорноста на информативните системи, ги следи новите закани поврзани со дигиталниот простор и континуирано презема мерки во насока на унапредување на сигурносните заштити.
На социјалната мрежа Твитер хакери кои се нарекуваат „Моќната грчка армија“ синоќа објавија дека извршиле хакерски напади врз неколку македонски банки.
Инаку во почетокот на месецов истата група на Твитер објавија дека ги нападнале интернет страните на министерствата за образование, за надворешни работи, на Влада, како и на Народната банка. Во нивната објава под хаштагот #opENDMacedonia тие тврдеа дека од 23 јануари па до 5 февруари „оперирале“ низ сајбер системите на македонските институции.