Санкции, политика, фудбал...
МАКЕДОНИЈА - Македонскиот претседател Стево Пендаровски изрази цврста поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Тој на својот официјален профил на Твитер посочи дека поредокот базиран на меѓународното право е основа во меѓународните односи, чии принципи мора да се почитуваат.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британската влада побара овогодинешното финале во Лигата на шампионите да биде преместено од Русија за да се казни земјата поради нејзината интервенција во Украина. Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека на Русија не треба да и се дозволи да биде домаќин на Лигата на шампиони која треба да се одржи во Санкт Петербург на 28 мај.
ЕУ - Европската унија едногласно донесе одлука да воведе нови санкции против Русија поради нејзиното признавање на сепаратистичките региони во источна Украина и распоредувањето војници таму.
РУСИЈА - Горниот дом на рускиот парламент едногласно го одобри барањето на претседателот Владимир Путин за употреба на воена сила надвор од земјата. Претходно Путин испрати писмо до Парламентот и Советот на федерализацијата со кое бара да се формализира воено распоредување во регионите во источна Украина контролирани од сепаратистите поддржани од Русија, еден ден откако Путин ја призна нивната независност.
МАКЕДОНИЈА - Комисијата за заразни болести предложи до министерството за здравство да ги укине задолжителното поседување негативен ПЦР тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.
МАКЕДОНИЈА - Владата донесе одлука со кога ги ограничи трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало што ќе важат од 1 март до 31 мај годинава. Највисоката трговска маржа ќе може да изнесува до 5 отсто од продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало.
СРБИЈА - Сите земји од регионот, освен Србија, ја осудија одлуката на Русија за признавање на независноста на сепаратистичките региони Доњецк и Луганск во источна Украина, додека во Босна и Херцеговина нема единствен став.
МАКЕДОНИЈА - Со истекот на мандатот на почетокот на декември годинава на судијката Вангелина Маркудова ќе настане блокада на Уставниот суд и со тоа дефинитивно угледот на Македонија би бил максимално нарушен и пред меѓународната јавност, изјави претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.