Западните земји воведуваат нови санкции против Москва - вклучително и одложување на нејзиниот гасовод Северен тек 2 - како одговор на одлуката на претседателот Владимир Путин да ги признае двата сепаратистички региони во Украина како независни држави и да испрати војници.
Двата дома на рускиот парламент денеска ја „запечатија“ одлуката на Путин со гласање за ратификување на договорите за пријателство со териториите во источна Украина контролирани од сепаратистите, поддржани од Русија.
Путин нареди испраќање војници во Украина откако ја призна независноста на Доњецк и Луганск
Западните лидери рекоа дека руските дејствија ги зголемиле шансите за целосна војна во централна Европа, додека тие се обидуваат да ги координираат санкциите за да ја казнат Москва и додека сè уште се обидуваат да го убедат Кремљ да престане со инвазијата на Украина.
Белата куќа соопшти дека распоредувањата на руските војници во источна Украина е „инвазија“, што укажува дека е помината црвената линија што ќе резултира со воведување строги санкции против Москва од страна на САД.
„Сметаме дека ова е, да, почеток на инвазијата, најновата руска инвазија во Украина. Инвазијата е инвазија и тоа е она што е во тек“, изјави Џон Финер, главен заменик советник за национална безбедност.
Во меѓувреме, Европската унија соопшти дека за „првиот пакет“ санкции ќе се разговара и најверојатно ќе биде одобрен на состанокот на министрите за надворешни работи на 27-члениот блок.
Британија воведе санкции против Русија, замрзна имот, забрани патувања
Велика Британија ќе воведе санкции за пет руски банки и тројца руски олигарси во, како што го нарече британскиот премиер Борис Џонсон „првиот бараж“ мерки против Москва за нејзините акции против Украина.
Тој пред Парламентот изјави дека Британија сè уште има низа финансиски оружја со кои треба да ја казни Москва доколку ја интензивира кризата.
И германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека неговата земја го става во мирување процесот на сертификација на контроверзниот гасовод Северен тек 2 од Русија преку Балтичкото Море како реакција на акциите на Москва во Украина.
Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки рече дека Белата куќа била „во тесна консултација со Германија во текот на ноќта и ја поздравила нивната одлука“. Таа додаде дека САД „ќе ги следат со сопствени мерки денес“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа состанок со Советот за национална безбедност и телефонски разговараше со неколку светски лидери во обид да ја зајакне поддршката за неговата земја.
„Очекуваме јасни и ефективни чекори за поддршка од нашите партнери“, рече тој во телевизиско обраќање.
„Многу е важно сега да видиме кој е нашиот вистински пријател и партнер и кој ќе продолжи да ја плаши Руската Федерација со зборови“, рече тој.
Зеленски подоцна рече дека го разгледува барањето од неговото Министерство за надворешни работи за прекин на дипломатските врски со Москва поради најновите случувања.