Уште тројца кандидати кои се познати по лојалноста на авторитарниот претседател Гурбангули Бердимухамедов ќе влезат во трката за претседателските изборите во строго контролираната централноазиска земја Туркменистан. Актуелниот претседател, 64 годишниот Бердимухамедов пред неколку дена на вонредниот состанок во Парламентот изјави дека планира да се повлече за да може власта да ја преземат младите лидери.
Многумина тоа го протолкуваа како знак дека се подготвува да ја предаде власта на неговиот син Сердар, кој во септември наполни 40 години, што е еден од условите за да стане претседател според Уставот на земјата. Кандидатурата на Сердар Бердимухамедов за претседателските избори беше официјализирана претходно овој месец како кандидат кој ја претставува владејачката Демократска партија на Туркменистан.
Синот на лидерот на Туркменистан номиниран за претседател на земјата
Сите три партии го поддржуваат Бердимухамедов, кој е на власт од 2007-ма година. Централната изборна комисија на 21-ви февруари соопшти дека официјално се пријавени уште тројца кандидати за предвремените претседателски избори закажани за 12-ти март.
Поранешен политички затвореник канидат на предвремени избори во Туркменистан
Новите кандидати се Бабамурат Мередов, Максатмурат Овезгелдиев и Какагелди Сариев, кои се предлог на другите помали опозициски партии.
Во текот на викендот, претставниците на Централната изборна комисија објавија дека пратеникот Бердимамет Гурбанов и Перхат Бегењов, не претставуваат ниту една политичка партија, а се официјално регистрирани како претседателски кандидати.
Сепак, очекувањата се дека Сердар Бердимухамедов лесно ќе победи на изборите. Според набљудувачите на изборите, во Туркменистан никогаш не се одржани слободни и фер избори откако стана независна држава по падот на Советскиот Сојуз во 1991 година.