Македонскиот претседател Стево Пендаровски изрази цврста поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Тој на својот официјален профил на Твитер посочи дека поредокот базиран на меѓународното право е основа во меѓународните односи, чии принципи мора да се почитуваат.
„ Грубото кршење на меѓународното право е закана за цивилизацијата“, објави Пендаровски на социјалната мрежа Твитер.
Претходно и премиерот Димитар Ковачевски ја осуди одлуката на Руската Федерација да ја признае самопрогласената независност на украинските региони Доњецк и Луганск.
“Ја осудувам одлуката на Русија за признавање на Доњецк и Луганск како самонаречени „Народни републики“. Ваквиот чин е директен напад врз територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и кршење на договорите од Минск и одлуките на Советот на ООН од 2015“, напиша Ковачевски на Твитер.
Во меѓувреме на владината седница министрите ја разгледале и усвоиле Информацијата за безбедносната ситуација во и околу Украина.
Владата го задолжи Министерството за надворешни работи, во координација со надлежните институции, да ги преземе сите потребни мерки за осигурување на безбедноста на членовите од Република Северна Македонија при Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на редовниот брифинг со новинарите, вчера информираше дека 30 наши набљудувачи се ангажирани во рамки на Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ, кои се со посебна позиција поради тоа што Северна Македонија, заедно со Шведска и Полска е дел од тројката претседавачи со Организацијата.
Османи денеска телефонски разговарал со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид за актуелната ситуација во и околу Украина и важноста од почитување на меѓународното право и неповредливоста на границите.