Британија воведе санкции против Русија, замрзна имот, забрани патувања

Британскиот премиер Борис Џонсон соопшти дека Британија ќе воведе санкции против пет руски банки и тројца богати поединци во, како што рече, првиот бараж мерки против Москва поради нејзините активности против Украина.

„Обединетото Кралство и нашите сојузници ќе почнат со воведување санкции против Русија кои веќе ги подготвивме, користејќи ги новите и досега невидени овластувања кои ни ги додели овој Дом за санкционирање руски поединци и организации од стратешка важност за Кремљ“, рече денеска Џонсон пред парламентот.

Тој рече дека Британија има уште низа финансиски оружја со кои ќе ја погоди Москва, ако Русија продолжи да ја засилува кризата.

„Апсолутно е од клучно значење да имаме во резерва дополнителни моќни санкции... со оглед на тоа што може следно да направи претседателот Путин“, изјави Џонсон.

Со санкциите се погодени Росија банк, ИС банк, Џенерал банк, Промсвјазбанк и Црноморската банка. На тројца руски олигарси со интереси во енергетиката и инфраструктурата – Генади Тимченко, Борис Ротенберг и Игор Ротенберг, ќе им бидат замрзнати средствата и ќе им биде забрането патување во Британија. Тројцата се веќе санкционирани од САД.

Џонсон рече дека рускиот претседател Владимир Путин ќе сфати дека „сериозно погрешно се пресметал“ ако Русија ја нападне Украина и додека дека се чини оти Москва е решена да изврши целосна инвазија врз својот сосед.

Британија, а особено Лондон, е омилено место за богатите Руси да купуваат имот и да водат други бизниси од распадот на Советскиот Сојуз.

Британија се закани дека ќе им го прекине пристапот на руските компании до американски долари и британски фунти, блокирајќи ги да собираат капитал на лондонските берзи.