Сите земји од регионот, освен Србија, ја осудија одлуката на Русија за признавање на независноста на сепаратистичките региони Доњецк и Луганск во источна Украина, додека во Босна и Херцеговина нема единствен став.
Претседателот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ најостро го осуди „нападот на Русија врз територијата на Украина“.
Бошњачкиот член на Претседателството на БиХ Шефик Џаферовиќ исто така ја осуди одлуката на Русија да ги признае Доњецк и Луганск, додека српскиот член Милорад Додик наведе дека „со загриженост следи што се случува во Украина“.
Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ го осуди признавањето на Доњецк и Луганск и рече оти со тоа се крши „меѓународното право и меѓународниот поредок заснован на правото“, а црногорското МНР оцени дека тоа е „прекршување на суверенитетот и територијалниот интегритет“ на Украина.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски оцени дека признавањето на сепаратистичките области „е директен напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“.
Официјална Тирана ја осуди одлуката на Русија да ги признаe самопрогласените „Доњецка народна република” и „Луганска народна република” и ја повтори подршката за Украина.
Косовската опозиција пак соопшти дека Владата треба да ја разгледа можноста за воведување санкции кон Русија.
Турција смета дека е неприфатлива одлуката на Русија да ја признае независноста на т.н. Доњецка и Луганска нарона република, соопшти Министерството за надворешни работи на земјава.
Словенија остро го осуди признавањето и истакна дека ја поддржува целовитоста на Украина и оти Русија „целосно и еднострано“ ја поттикнала агресијата.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го осуди признавањето на сепаратистичките региони и изрази солидарност со украинскиот претседател Володимир Зеленски и украинскиот народ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа рече дека по одлуката на Русија да ги признае украинските области Доњецк и Луганск како независни, комплетната безбедносна структура на светот се менува, и дека очекува притисоците врз Србија да бидат поголеми од кога било и дека нејзината положба не е нималку лесна.