Персоналот на американската амбасада во Лавов е преместен во Полска поради загриженоста за безбедноста, откако рускиот претседател Владимир Путин нареди да влезат војници во двата сепаратистички региони во источна Украина поддржани од Кремљ, зголемувајќи ги стравувањата од широка инвазија. Стејт департментот во соопштението ја објаснува одлуката со тоа дека безбедносната ситуација во Украина „продолжува да биде непредвидлива“. Соединетите држави претходно овој месец ја преместија својата амбасада во Украина од главниот град Киев во Лавов на запад во близина на границата со Полска.
Путин нареди испраќање војници во Украина откако ја призна независноста на Доњецк и Луганск
Американскиот претседател Џо Бајден во минатата недела изјави дека е „убеден“ дека Русија ќе ја нападне Украина и најверојатно ќе го таргетира Киев. Путин на 21 февруари потпиша декрет со кој наредува влез на војници во двата сепаратистички региони во источна Украина поддржани од Кремљ, откако ја призна нивната независност. Висок претставник на американската администрација исто така соопшти дека не е веројатна средба меѓу американскиот претседател Џозеф Бајден и Русинот Владимир Путин, со оглед на најновите акции на Русија.